Премиерот и Вицепремиерот во Велес- најавен динамичен економски развој на Македонија

Тоа што беше навидум невозможно го направивме возможно, за Македонија се зборува во суперлативи. Имавме среќа што имаме прогресивни демократски сили во Грција. Нема повеќе изговори, сега мора да се работи и Македонија да тргне напред“. Со ваква порака премиерот Зоран Заев денеска во Велес  им го честиташе на сите граѓани на Македонија големиот успех со ратификацијата на Преспанскиот договор и отворањето на Евроатланските перспективи за Македонија.

На трибината насловена „Парите кај граѓаните, инвестиции и поддршка на домашни компании – Економија која функционира за секого“, што се одржа во големата сала на Општина Велес, во организација на Владата на Република Македонија, премиерот најави динамичен економски развој на државата и низа мерки за подобрување на животот на граѓаните и работата на компанииите. „Железни опинци ќе облечам 500 евра просечна плата во Македонија ќе има. Оваа година имаме уште едно покачување на минималната плата. Нема да ги оставиме и трудоинтензивните дејности.

2019 година почнува имплементацијата на многу други мерки со веќе донесени законски решенија.  Досега сме помогнале 5-6 илјади деца, сега ќе помагаме 73.600  деца со детски додаток. 63000 деца ќе добијат додадок за образование и достоинствен живот. Секој ќе  добие потрошувачка картичка и самите граѓани ќе станат инспектори и ќе можат да си повратат 15% од ДДВ. Социјалната помош ќе ја зголемиме за 300% и од сегашните  3900 денари  ќе биде 11.770 денари за да имаат достоинствен живот сите граѓани“, рече меѓу другото премиерот.  Заев рече дека Велес како стабилна општина што ги врати долговите благодарение на градоначалникот ќе добие компензација преку проекти како што е проектот вреден над  милион евра за езерото Младост, но и нови проекти за водоснабдување, патишта и канализација во градот и населените места.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев во своето обраќање најави значајни економски проекти, мерки и инвестиции за Велес и за државата.

„Чест ми е што заедно со премиерот ги отвораме економските прашања од мојот, нашиот Велес. Важно е државата да ја помага економијата, но важни се 2 предуслова, владеење на правото и стабилна околина за инвестиции. Најавувам интензивна економска година, интензивна економска офанзива . Сите мора да работат, мора да се искориси шансата, рече Анѓушев . Тој најави почеток на гасификацијата на Велес уште сега, во 2019 година со можност градот да биде гасифициран за 2-3 години.

Мостот кај  Башино село ќе добие регионален карактер и ќе се санира. Ќе се изгради уште еден мост кај населбата Речани, како и заобиколница која ќе се надоврзе на започнатиот пат Велес- Прилеп преку Бабуна. Езерото Младост ќе се полни од браната „Лисиче“ за што веќе се обезбедени 25 милиони евра. Проектот ќе овозможи истовремено водоснабдување на населените места и наводнување на земјоделските површини. Заев и Анѓушев во Велес најавија ново економско време за Македонија со нови инвестиции како безбедносно стабилна држава и како држава која ќе има пристап до структурните и кохезионите фондови за ЕУ. Но како што повторија обајцата, сите мора да работиме. На трибината на која присуствуваа претставници на бизнис заедницата од Велес и регионот, граѓани и медиуми присутните имаа можност да поставуаваат прашања и директно да дискутираат со премиерот Заев и Вицепремиерот Анѓушев.