Велес со стратегија за паметен град
„Заврши првата фаза на еден од најамбициозните стратешки проекти во Велес, Велес –паметен град, стратегија за развој 2019-2030 година“. Ова на прес конференција денеска го соопшти градоначалникот Аце Коцевски.
Тој ја извести јавноста дека визијата за паметен град Велес е тесно поврзана со можноста за користење на информатичко-комуникациските и други технологии и иновации во корист на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и паметно управување со ресурсите на градот.
Стратегијата опфаќа 5 подрачја меѓу кои паметно управување со енергијата и заштита на животна средина преку воведување на јавен превоз со електрични возила, апарати и софтвери за паметно управување со отпад, паметни мерачи на енергенси, одржлива урбана мобилност, паметни паркинзи, развој на дигитална инфраструктура. Акциониот план вклучува голем број активности и услуги базирани на информатичка технологија во областа на образованието, претприемништвото, иновациите, креативните индустрии, културата и грижата за граѓаните од социјално ранливите категории.
Како што најави Коцевски, нацрт верзијата на стратегијата ќе биде разгледана на претстојната 31 седница на Советот на Општина Велес што ќе се одржи во четврток, 28 март. Веднаш потоа документот ќе биде ставен на увид на јавноста за евентуални предлози и забелешки. Градоначалникот изрази задоволство што Велес е првата општина со ваква стратегија во државата.