Подготовки околу гасификацијата на Велес
На денешната прес конференција Коцевски ја информираше јавноста околу најактуелните состојби во врска со процесот на гасификацијата.
Имено системот во должина од 28км треба од Штип преку Свети Николе да пристигне во Велес, кој во моментов е во фаза на проектирање. Во Велес ќе се направи интерен систем со декомпресивна станица која ќе се изгради во индустриската зона “Речaни”, а истата ќе биде од времен карактер.
Градоначалникот наведе повеќе активности во однос на првата фаза која веќе е завршена. Досега анкетирани се стотина јавни институции и поголеми идни потрошувачи со цел да се добијат првични информации околу капацитетот на гасоводот. Компанијата “ГЕИНГ Инжинеринг” е избрана на тендерот за изработка на инфраструктурен и основен проект и веќе ги прибира сите потребни податоци за изработка на проектите со утврдување на точната траса на гасоводот, капацитетот на гасоводот и локацијата на декомпресорската станица. За 4 месеци оваа компанија треба да ги предаде проектите за првата делница. Воведувањето на гасот ќе се одвива делница по делница.
Првиот крак е кон индустриската зона „Речани“ каде се очекува да се приклучат поголемите потрошувачи. Вториот крак ќе оди од индустриската зона „Речани“ по улицата „Димитар Влахов“, преку мостот „Гемиџии“ кон центарот на Велес, со што ќе се опфатат јавните институции и претпријатија како и домаќинствата. Приоритет ќе имаат колективните станбени згради, а потоа гасот ќе пристигне и до индивидуалните објекти.
„Ова е еден од најзначајните проекти за економски и социјален развој на Велес и најзначајниот енергетски проект во изминативе децении што верувам ќе го поттикне економскиот развој на Велес. Согласно законот за енергетика во наредниот период треба да донесеме одлука дали ние со сопствени средства и со евентуално задолжување ќе го градиме гасоводниот систем или по пат на јавни објави ќе избереме јавно приватен партнер или концесионер ќе го изгради и ќе стопанисува со истиот“, истакна Коцевски.