„Велес паметен град“ – Коцевски ја презентираше Стратегијата за развој 2019-2030
На денешната 31. седница на Советот на Општина Велес, Градоначалникот Аце Коцевски ги презентираше клучните содржини на Нацрт стратегијата „Велес -паметен град-Стратегија за развој 2019-2030“.
„Ова е еден од најамбициозните стратешки документи на Велес, направен по примерот на развиените градови како Виена, Амстердам, Љубљана. Заедно со Планот за одржлива урбана мобилност кој го креираме во соработка со врвни експерти од Љубљана, оваа стратегија претставува интегриран пристап во обезбедувањето на најквалитетни услуги за граѓаните со користење на предностите на информациско-комуникациската технологија“, рече Коцевски.
Приоритетот на пешаците и велосипедистите во сообраќајот, нови велосипедски патеки, е-велосипеди, јавен превоз со електрични возила, паметни паркинзи, граѓански центар со услуги од општината и државните институции на едно место, мапирање и услуги за ранливите групи граѓани базирани на информатичка технологија се само дел од очекуваните резултати на стратегијата. „Паметните градови не ја чекаат, паметните градови ја создаваат иднината“, рече градоначалникот Коцевски.Тој најави дека на 11 април, оваа стратегија ќе биде тема на меѓународна конференција што во организација на НАЛАС ќе се реализира во Велес.
Се очекува на настанот да учествуваат над 50 гости од кои 28 градоначалници од голем број земји од соседството и Европа. Со 15 гласа „за“ Советот на Општина Велес ја поддржа Нацрт-стратегијата која во наредниот период ќе биде предмет на јавни расправи со граѓаните и сите засегнати целни групи во Велес.