Велес повторно центар на хуманоста
Хуманоста и посветеноста на волонтерите и тимовите на Црвениот крст денеска во центарот на вниманието. Во пресрет на 17 Март, Денот на Црвениот крст и ден на крводарителството, во Народниот театар „ЈХК-Џинот“ се одржа централната манифестација за одбележување на празникот на хуманоста.
„Со крводарувањето се спасуваат многу животи, се зачувуваат човечки судбини, има успешен крај на семејни драми и искрено се надевам дека во иднина соработката со Црвениот крст ќе продолжи“, рече министерот за здравство д-р Венко Филипче.
Градоначалникот Аце Коцевски изрази задоволство од големиот успех и посветеност на Општинската организација на Црвениот крст. „Велес со децении наназад е во врвот на општините по собрани единици, а минатата година е на прво место. Ние и во иднина ќе ја поддржуваме Општинската организација на Црвениот крст и ќе продолжиме да правиме добри работи во интерес на сите граѓани“, изјави Коцевски за медиумите.
На свеченоста присуствуваа и претседателот на Црвениот крст на Македонија, д-р Ромел Велев, генералниот секретар на Црвениот Крст, д-р Саит Саити и директорот на институтoт за трансфузиона медицина д-р Садула Усеини.
На манифестацијата беа доделени признанија за најуспешните општински организации на Црвениот крст меѓу кои предничи велешката. Во 2018 година, во Македонија се собрани 57.000 единици крв што е повеќе од потребните 55.000 единици.
Во рамките на културно-уметничката програма настапија Клубот на писатели „Коста Рацин“ и фолклорниот ансамбл „Керамичар“, а беше прикажан и документарен филм за крводарителството.