Општина Велес започна со распределбата на канти за отпад за 2019 година
Општина Велес согласно Програмата за управување со отпад за 2019 година набави канти за отпад за домаќинствата и правните субјекти.
Набавени се 1380 канти за отпад од 120 литри во зелена боја за комунален отпад и во жолта боја за отпад кој може да се рециклира.
Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Велес и се во износ од 1.213.040 денари.
Распределбата започна од улицата “Рилски конгрес”, а покрај кантите за отпад, на граѓаните им се дистрибуираа и летоци со насоки за спроведување на примарната селекција во нивните домови.
По завршување на оваа фаза, акцијата за распределба на садови за отпад ќе продолжи на нови улици и реони.
Оваа година акцент во распределбата ќе биде ставен на левата страна на градот.
Општина Велес апелира до граѓаните да ги користат кантите согласно нивната намена и да се изнесуваат два часа пред утврденото време на собирање на отпадот.