Велешките основци се запознаа со работата на општина Велес
Преку прашања и одговори, петнаесетина ученици од четврто одделение од О.О.У. "Ј.Х.К. Џинот" од Велес денес имаа можност да се сретнат и запознаат со градоначалникот Аце Коцевски.
Вработените во општината организираа мини тура низ општинската зграда, а градоначалникот им приреди и официјален прием во својот кабинет, каде љубопитните ученици научија што работи општинската администрација, градоначалникот и советниците при Советот на Општина Велес.
Исто така, тие го споделија своето знаење за химната и знамето на градот, но и слушнаа детали за тековните проекти што општината ги спроведува. Најголем интерес покажаа за Стратегијата за развој "Велес - паметен град", а вниманието им го задржа информацијата за набавка на електрични велосипеди и возила на електричен погон. На прашањето "Што би направиле вие доколку еден ден станете градоначалник на Општина Велес?", дел од учениците одговорија дека ќе направат се' за својот град затоа што многу го сакаат.
Задоволни од можноста да поразговараат со првиот човек на градот, учениците ја заокружија посетата со заедничка фотографија.
Посетата беше организирана како дел од наставната содржина по предметот граѓанско општество.
Општина Велес, како транспарентна општина, силно ги поддржува иницијативите како оваа и со задоволство ги прифаќа можностите за средба и разговор со најмладите сограѓани