Коцевски на средба со волонтерите на Хабитат од Словачка
Девет волонтери од Словачка од канцеларијата на меѓународното здружение "Хабитат" придружувани од претставници на македонскиот тим на оваа организација, денес остварија средба со градоначалникот Коцевски, на која се запознаа со особеностите, но и идните развојни проекти на општината.
Гостите од Словачка престојуваат во Велес каде волонтираат на изградбата на шестата зграда која здружението "Хабитат-Македонија" ја гради во тесна соработка со општина Велес.
"Изненадени сме од топлиот прием и многу сме задоволни од соработката", порача Алжбета Мачкова,тим лидер на групата. Хабитат е реномирана непрофитна и глобална организација која работи веќе 40 години во 70 земји. Досега оваа организација има помогнато на над 22 милиони лица насекаде во светот во надминувањето на нивните проблеми со домувањето.
Општина Велес веќе единаесет години успешно соработува со "Хабитат-Македонија" во однос на решавање на суштинските проблеми кои ги имаат најранливите групи на граѓани и лица во социјален ризик од Велес , но и во однос на подобрувањето на енергетската ефикасност во домовите на велешани. Соработката ќе продолжи во оваа насока и понатаму, во тек е подготовка на поголем број на заеднички проекти за искористување на европските фондови.