Австриските “Зелени” во посета на Велес
Во рамки на научната екскурзија “Земја со нов почеток”, триесетина претставници на академијата на Зелената партија од повеќе покраини од Австрија, денес остварија средба со градоначалникот Коцевски и беа во посета на Општина Велес.
За време на средбата, покрај презентирањето на видеото и Стратегијата за развој “Велес – паметен град”, градоначалникот на Општина Велес, г-дин Аце Коцевски, на кратко ја претстави историјата и развојот на градот, давајќи посебен акцент на децениското загадување од Топилницата за олово и цинк, како и чувствувањето на последиците по нејзиното затворање. Големиот граѓански протест, организиран пред девет години, против најавеното повторно отворање на Топилницата побуди голем интерес кај присутните, кои го констатираа позитивниот исход од истиот и покажаното единство помеѓу граѓаните и политичките структури од градот.
Преку директни прашања до градоначалникот, гостите од Австрија се интересираа за повеќе теми од секојдневието на велешани поврзани за состојбата на Ромското население во градот, за можноста за воведување на дуално образование и соработката на образовните институции со фабриките, за политичката структура во рамки на Советот при Општина Велес итн.
Гостите со задоволство ја истакнаа констатацијата дека Велес е чист град и дека свеста кај населението е зголемена, во споредба со последните сознанија коишто ги имале во врска со ова.
Со пофални зборови, тие посебно се осврнаа на идејата за воведување на концепт за Велес да прерасне и да се развива како паметен град, при што беше споделен примерот на градот Виена и почетоците за нејзиното трансформирање во Паметен град.
Со искрена благодарност за гостопримството и за укажаната чест да се обрати пред нив, гостите од Австрија и градоначалникот Коцевски отворија можности за идна соработка, а Велес како град во развој и со голема перспектива, потенцираа ќе биде спомнуван како позитивна приказна од Балканот.
Австрија е еден од најголемите трговски партнери на државата и цврсто останува голем поддржувач на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција.