Велес и Македонија се збогуваа со големиот хуманист д-р Милчо Трајков

 

По повод смртта на почитуваниот граѓанин на Велес, големиот хуманист, волонтер и претседател на Црвен крст на Република Македонија -Општинска организација Велес д-р Милчо Трајков, денеска во Општина Велес се одржа комеморативна седница. Во присуство на членови на семејството на д-р Трајков, неговите пријатели, соработници и волонтери од целата држава, во името на сите граѓани на Велес со д-р Трајков се збогуваше градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски.

„Др Милчо Трајков е една од најзначајните личности од Велес во последните три децении. Тој остави длабоки траги кои уште долго, долго во иднината, кога и нас ќе не нема, ќе сведочат и зборуваат за него, за неговите човечки вредности, за неговиот придонес за заедницата, за граѓаните, за Црвениот крст. Јас лично изгубив голем личен и семеен пријател, омилен доктор кој се грижеше за моето здравје. Се познававме триесетина години. Драг и многу почитуван пријателе, голем човеку Милчо, чест ми беше што те познавав и што имав привилегија да се дружам и да соработувам со тебе. Ти благодарам за се што направи за твојот град, за твоите сограѓанки и сограѓани“, рече Коцевски.

За огромниот придонес и делата што ги остави зад себе како една од водечките личности во Организацијата на Црвениот Крст на Македонија за д-р Трајков зборуваше проф. д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст на Република Македонија. „Голем е човекот што ќе остане запаметен по своите дела. Д-р Милчо Трајков во два мандати беше претседател на Црвениот Крст на Република Македонија. Даде голем придонес во развојот и промоцијата на активностите на Црвениот крст. Беше исклучително ценет во Меѓународната организација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Ни беше привилегија и задоволство што д-р Милчо Трајков беше дел од нашето големо семејство“, рече д-р Велев.

„Времето не ја лечи болката, таа самата не учи да живееме со неа. Ти благодарам што ми покажа дека големите луѓе се наједноставни“ , рече во своето збогување д-р Фаик Саити, Генерален секретар на Црвениот крст на Република Македонија . Д-р Милчо Трајков беше претседател на Црвениот крст на Република Македонија од 2008 до 2017 година.Смртта го затекна на функцијата претседател на Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Велес. Целиот свој живот го посвети на волонтерството, хуманоста и спасувањето на човечки животи.

По повод смртта на д-р Трајков телеграми со сочувство испратија Претседателот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Франческо Рока, Европската федерација на Црвениот крст како и организациите на Црвениот крст во Србија, БиХ, Норвешка, Унгарија и Бугарија. Посмртните останки на д-р Трајков беа погребани денеска на гробиштата на црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“.