Потврдена хуманоста и соработката помеѓу Општина Велес и Алзас од Франција
Денес, градоначалникот на Општина Велес г-дин Аце Коцевски, се сретна со претставници на Асоцијацијата Алзас –Македонија и хуманитарната организација „Надеж на Ориентот“ од Лорен, Република Франција, кои се долгогодишни соработници, помагатели и пријатели на Општина Велес и велешани.
Успешната соработка и резултатите произлезени од неа, како и отворената можност за нови идеи и идни проекти од областа на туризмот, помеѓу Општина Велес и областа Алзас, од Франција, беа разговарани за време на средбата.
За време на својот неколкудневен престој во Велес, гостите од Франција имаа можност да се запознаат со специфичната велешка архитектура, да ги видат најзначајните спомен обележја во градот и да ја вкусат традиционалната македонска кујна.
Повод за доаѓањето на француските хуманитарци во Велес е донацијата на медицинска опрема што овие две организации ја донираат во Здравствениот дом во Велес, во Болницата за белодробни заболувања во Јасеново, како и во Клиничкиот центар во Скопје. Донацијата се состои во колички за лица со ограничена мобилност, помагала за движење, болничка опрема како и компјутерска опрема.
Општина Велес и пријателите од Франција остануваат посветени на заедничката мисија и во периодот кој следи.