Стартува 16-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал
Од 3 до 7 јули годинава, велешани ќе имаат можност да уживаат во светската фолклорна ризница. 16-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес” ќе донесе богата програма со вкупно 17 ансамбли: 11 од земјава и 6 од странство.
Ова на прес конференција денеска го соопшти градоначалникот Аце Коцевски. „Велес и велешани ќе имаат можност во текот на четири фестивалски дена да им бидат домаќини на фолклорните ансамбли: „Санта Луција“ од Сардинија, Република Италија, „Свети Сава“ од Република Српска, Федерација на Босна и Херцеговина „Пржигода“ од Република Полска, ХЕМ од Република Турција, „Морава“ од Република Бугарија и „Младост“ од Република Хрватска“.
Покрај осум ансамбли и групи од Велес, на фестивалот ќе настапат и ансамблите „Тиквеш“ од Кавадарци, „Кочо Рацин“ од Скопје и „Китка“ од Ораовица- Радовиш.
„Како град посветен на македонската културна ризница, Велес во ниту еден случај нема да се откаже од своите традиционални културни манифестации“, рече Коцевски. Тој нагласи дека и покрај тоа што фестивалот не доби поддршка од министерството за култура ќе биде реализиран како што доликува, како еден од најзначаjните настани во областа на фолклорот во државата. Коцевски упати јавна благодарност до Томе Јаневски, претседател и членовите на Организацискиот одбор и ги покани граѓаните повторно да ја покажат својата гостољубивост и да уживаат во народната музика, ората, танцот и раскошните носии на народите на Европа и светот.
На прес конференцијата програмата на фестивалот ја презентираше Томе Јаневски, претседател на Организацискиот одбор. Како што рече Јаневски фестивалот ќе стартува во среда, 3 јули со традиционалното дефиле кое ќе започне во 19 часот. Свеченото отворање е во 20:30 часот во амфитеатарот во Младинскиот парк. Свеченото затворање е во сабота 6 јули, на истата локација, со почеток во 20 часот. „Фестивалот го организираме со буџет од 600.000 денари, од буџетот на Општина Велес како и со дополнителна поддршка од околу 50.000 денари од љубители на фолклорот, наши пријатели - стопанственици од Велес и околината. Би сакал да им упатам јавна благодарност за поддршката на фестивалот“, рече Јаневски.
Во случај на лоши временски услови фестивалските вечери ќе се одвиваат во спортската сала „Гемиџии“.