Работна средба на Коцевски со директорите на општинските училишта

Новиот закон за основно образование, реонизацијата, актуелните состојби, како и подготвеноста на основните и средните училишта за почетокот на учебната година беа во фокусот на средбата која градоначалникот денес ја оствари со сите директори на основните и средните училишта.

Имено, измените во однос на досегашниот закон за основно образование се однесуваат на бројот на ученици во една паралелка, бројот на ученици во комбинираните паралелки, изведувањето на наставата по физичко образование во прво одделение со учество на предметен наставник, постапките во однос на усвојувањето на годишната програма на училиштето.

Градоначалникот апелираше до директорите за почитување на принципот на реонизација на училиштата со што ќе се овозможи еднаков третман на сите ученици на ниво на цела општина . Стана збор и за идните активности во однос на започнување со работа на основното училиште „ Панко Брашнар“, кое во иднина треба да стане пример за квалитетно интегрирано образование.

На средбата исто така беа дадени информации околу градежните зафати во пооделни училишта во однос на изградбата на новиот топловоден систем во училиштето во Бузалково, новото училиште во Клуковец, градежните зафати кои ќе следат во ООУ „Блаже Конески“, новиот лифт за лица со телесна попреченост во Гимназијата „Кочо Рацин“ и многу други.

Од страна на директорите беа дадени конструктивни предлози за подобрување на условите за изведување на наставата во училиштата.

Овој тип на координативни средби се одржуваат повеќе пати во годината и допринесуваат кон согледување на реалните состојби и предизвици со кои се соочуваат училиштата, а со цел нивно надминување.