69-та СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев ја информира јавноста дека денес 10.05.2017 година (среда) во просториите на Општина Велес со почеток во 15:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи 69-тата седница.
За 69-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Советнички прашања.
Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
2. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2017 година до 31.03.2017 година.
Во кварталниот финансиски извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период(кумулативно)за квартал од 01.01. до 31.03.2017 година, се внесуваат податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 31.03.2017 година.
3. Предлог-одлука за престанок на важност на Одлуката за прогласување на почесен граѓанин на Општина Велес.
Од страна на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес пристигна Иницијатива ,која се однесува за одземање титула почесен граѓанин на Трифун Костовски. Оваа Иницијатива е разгледана од страна на СОВ на седницата одржана на ден 02.05.2017 година и од страна на советниците се донесени следните заклучоци:
1.Советот на Општина Велес ја прифати Иницијативата за покренување постапка за одземање на титула почесен граѓанин поднесено од страна на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес
2.Советот на Општина Велес го задолжува Градоначалникот на Општина Велес да изготви и поднесе предлог Одлука за одземање на титула почесен граѓанин на првата наредна седница.
4. Предлог-одлука за утврдување на потреба за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се голем број на барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти изградени на катастарски парцели кои се наоѓаат вон границите на важечкиот Генерален урбанистички план на град Велес. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти (кои несомнено се изградени пред многу години) и поефикасно да се заврши постапката, потребно е да биде извршено проширување на планскиот опфат. На овој начин голем дел од започнатите постапки би се завршиле и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои престставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
5. Предлог-одлука за утврдување на приоритет на проект „Изградба на доводен цевковод за водоснабдување на населено место Отовица“.
Mоментално Отовица се водоснабдува од постојни бунари кои се наoѓаат во близина на населеното место. Со новото техничко решение се предвидува водоснабдувањето да се врши со приклучување на постојниот потисен цевковод (HDPE DN 160 PN 16) кој е наменет за водоснабдување на локалните населени места: постојните локалитети во непосредна близина на езерото Младост, капацитетите околу езерото Младост и населеното место Новачани. Со ова се настојува да се обезбеди постојано, квалитетно и континуирано водоснабдување на населено место Отовица. Приклучувањето ќе се изврши директно на постојниот цевковод. Должината на доводниот цевковод изнесува приближно 2580 м.
6. Предлог-одлука за утврдување на приоритет на проект „Реконструкција на водоводни и канализациони линии во град Велес“.
За подобрување на водоснабдувањето на корисниците во Велес како во квалитет така и квантитативно, редовно се превземаат работни активности за реконструкции на застарени водоводни линии, водоводни линии со чести дефекти и изградба на нови водоводни линии. Постоечката водоводна инсталација на делот опфатен со реконструкција на овие линии е со несоодветни профили и претставува пречка за обезбедување на потребните количини на вода како и редовно водоснабдување на корисниците. Овој проект цели кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на град Велес.
7. Предлог-одлука за утврдување на приоритет на проект „Воведување на водомери со далечинско отчитување во град Велес“.
Со воведување на далечинско отчитување на водомерите придобивка ќе имаат како граѓаните така и ЈКП Дервен во управувањето со водоснабдителниот систем на градот. Новите водомери со далечинско отчитување ќе овозможат да се изготват прецизни сметки за потрошената вода..
Овој проект е веќе започнат од страна на ЈКП Дервен, односно проектот ќе се одвива во неколку фази, првата фаза е имплементирана во текот на 2011 година каде се заменети 130 водомери со далечинско отчитување. Процесот на замена на сите водомери на територија на Општина Велес кои што имаат водоснабдување од градскиот водоснабдителен систем е долгорочен, а во оваа фаза е предвидено да се изврши замена на повеќе од 2000 водомери во централно градско подрачје.
8. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2017 година.
Со оваа точка се врши корекција на неколку делови во подпрограмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2017 година. Измените се поради фактичките ситуации кои се настанати на одредени локации, како и поради усогласување со проектите кои се предвидени од страна на државните институции.
9. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој за 2017 година се должат на усогласувањето на средствата предвидени за реализација на проектите финансирани од страна на меѓународни донатори со средствата предвидени во програмата на одделението за ЛЕР. Измените конкретно се однесуваат на четири ставки во програмата.
10. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2017 година во Локална Библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
11. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2018 година во Локална Библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
12. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2017 година во Локална установа Народен музеј- Велес.
13. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2018 година во Локална установа Народен музеј- Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес и од Народниот музеј во Велес со кој го доставија Годишниот план за вработување за 2017 и 2018 година. Во член 20-б од Законот за вработените во јавниот е регулирано дека функционерот кој раководи со институцијата е должен планот за вработување да го достави до Советот на Општината. Согласно ова се предлага ова предлог-решение до Советот на Општина Велес.
Со последната 13-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 69-та седница на Советот на Општина Велес.