Соопштенија

Известување од Градоначалникот Аце Коцевски - ТЕХНО ПАВЕР поднесе барање за еколошка дозвола

Почитувани граѓани,

Ве известувам дека на 30 октомври годинава, од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес е доставено Барање за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола за КАМЕНОЛОМ ТЕХНО ПАВЕР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје -подружница бр. 2 с. Превалец, Велес.

Иако согласно член 99 став 1 од Законот за животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање е должно барањето да го објави на својата интернет страница, со цел јавноста да има увид во содржината на барањето за дозвола, тоа за жал не е сторено од страна на надлежниот орган.
Затоа, Општина Велес го објавува Барањето за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола во целост, а со цел јавноста да има целосен увид во истото.

Како Градоначалник на Општина Велес, Ве информирам дека денес 02.11.2018 година, согласно член 103, став 4 од Законот за животната средина, испратив барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за организирање на јавна расправа од страна на инвеститорот во просториите на општината, на која ќе ги отвориме сите прашања за работата на инсталацијата и сите проблеми кои нејзината работа ги предизвикува за граѓаните на Општина Велес.

Како засегнат орган во оваа постапка, општината продолжува будно да стои на браникот на правото за живот во здрава животна средина на нејзините граѓани.

Ве повикувам активно да се вклучите во јавната расправа за чиј термин на одржување ќе бидете навремено известени преку веб страницата на Општина Велес, нашиот Фејсбук профил и локалните медиуми.

Со почит,

Градоначалник
на Општина Велес
Аце Коцевски