Соопштенија

Велешките стопанственици ги запознаа придобивките од дуалното образование

Денес во просториите на Општина Велес се одржа тркалезна маса за промоција на дуалното образование.

Пред претставниците на велешкото стопанство меѓу кои компаниите „Маркарт“, „Брако“, „Ронтис“,„ Динамо Леов“ и други, Патрик Мартенс, директор на делегацијата на Германското стопанство во Македонија ја истакна важноста од воведувањето на системот за дуално образование за самите компании, но и за училиштата.

Дуалното образование обезбедува тесна поврзаност на теоретските и практичните образовни содржини, затоо што преку овој систем се образуваат кадри соодветни на фактичките потреби на пазарот на трудот. Ефектите од овој вид на образование каде учениците минуваат повеќе време во компаниите водат и кон подобрување на целиот социо-економски контекст на локално ниво. Со оглед на недостигот на квалификуван кадар во регионот, проектот цели кон создавање на кластер за дуално стручно образование во повеќе градови во Македонија, со што ќе се помогне во надминувањето на проблемот.

Во моментов проектот на делегацијата на Германското стопанство работи на имплементација на новиот образовен профил „ Техничар за индустриска мехатроника“ со по една пилот паралелка во Кавадарци и Охрид, каде учениците се образуваат во тамошните компании. Овој профил е развиен по германскиот модел со прилагодување на локалните потреби на компаниите. Истиот е одобрен од МОН, а делот предвиден за практична обука во компанија е значително зголемен во однос на останатите профили и изнесува до 45 % од наставниот план.

Општина Велес активно ги поддржува сите иницијативи кои го зголемуваат квалитетот во стручното образование.