инфраструктура
Инфраструктура во општината
- Сообраќајна инфраструктура
- Енергетска инфраструктура
- Телекомуникациона инфраструктура
- Комунална инфраструктура
- Водостопанство и водни ресурси
Телекомуникациона инфраструктура
Телекомуникациската поврзаност на општината со останатите региони на Република Македонија и со странство е добра. Градот Велес располага со современа пошта која ги извршува сите поштенски работи, фиксната телефонија ја опслужува еден оператор “Телеком“, а мобилната два оператора “Мобимак“ и “Космофон“. Во постојната телефонска мрежа опфатени се 19 населени места (55% од населените места) и градот Велес со густина од 25,5 приклучоци на 100 жители.
Развојот на телекомуникациите во општината оди во прилог на проширување и модернизација на телекомуникациската мрежа. Во последно време масовно се користат системите на мобилната телефонија и Интернет.
Комунална инфраструктура
Во градот Велес одведувањето на комуналните отпадни води од домаќинствата и од други потрошувачи се врши заедно со атмосферските води преку постојната канализациона мрежа. Индустриските отпадни води од повеќето капацитети директно се испуштаат во реката Вардар без претходно пречистување.
За решавање на овие проблеми во тек е подготовка на проект за реконструкција и доизградба на градскиот канализационен систем, како и изградба на станица за пречистување на комунални отпадни води.
Руралните населби, освен Башино Село, Долно Караслари и делумно населбата Превалец, не располагаат со канализациони системи.
Отстранувањето на цврстиот комунален и друг вид отпад во градот Велес се врши колективно и индивидуално. Депонијата за цврст отпад се наоѓа во близина на градот и не ги задоволува санитарно-техничките услови на експлоатација.
Руралните средини се соочуваат со проблеми со собирање на отпадот, а во некои собирањето воопшто го нема. Ова резултира со создавање диви депонии кои ја загрозуваат животната средина и здравјето на населението.
Водостопанство и водни ресурси
До почетокот на изминатата деценија водоснабдувањето на Велес исклучиво се базираше на користење на рени-бунари кои се наоѓаат на десниот брег на реката Вардар, во непосредна близина на градот. Основниот систем е димензиониран на капацитет од 420 л/с, од кои 300 л/с со зафаќање на површински води и 120 л/с подземни води.
Денес градот, со исклучок на летните месеци, се снабдува со вода за пиење од хидросистемот во изградба “Лисиче” преку директен времен водозафат на реката Тополка. Од овој систем, засега во експлоатација е магистралниот цевковод од водозафатот до новоизградената пречистителна станица, како и првата фаза на пречистителната станица со инсталиран капацитет од 300 л/с.
Изградената разводна градска мрежа за водоснабдување во должина од 80,5 км е застарена и предизвикува големи загуби на вода кои, заедно со потрошената вода за поливање на зелените површини и миење на улиците, изнесува околу 29%. Од градскиот водовод вода користи и локалната индустрија.
За разрешување на проблемот на водоснабдувањето во градот во фаза на изградба е хидросистемот “Лисиче”. Овој систем е повеќе наменски и се предвидува да обезбеди:
- водоснабдување на населението на градот и на осум рурални населби;
- наводнување на 4.100 хектари земјоделски површини;
- ревитализирање на езерото “Младост” (посредно преку езерото и наводнување на дополнителни 1.800 хектари лозови и други насади);
- биолошки минимален проток на реката Тополка во текот на сушните месеци на годината.
Капацитетот на акумулацијата “Лисиче” изнесува 23.000.000 м3 вода при просечен годишен природен проток на р.Тополка и Врановска Река од сса 45.000.000 м3 вода.