Општина Велес дел од акцијата “Македонија без отпад 2014”
Општина Велес и оваа година се вклучи во одбележување на националната еколошка акција за расчистување на отпадот од јавните површини наречена „Македонија без отпад 2014”. Се работеше на два пунктови: генерално чистење на населбата Караслари и поделба на канти за отпадоци за граѓаните. Започнувајќи од 01.11.2014 година. во населеното место Караслари за прв пат се воведува организирано собирање на отпад од страна на ЈКП „Дервен”. За таа цел се расчистуваа дивите депонии во населеното место кои со текот на годините се создавале заради невоведена услуга за собирање на отпадот.
ЈКП Дервен работеше под “полна пареа” и преку здружување на силите со волонтерите од Друштвото на родители за згрижа за здраво поколение – Младински клуб „Логички плочки”, како и со дел од месното население. Бидејќи депониите се бројни во населеното место, активностите продолжуваат и оваа седмица се до конечно доведување на животната средина до состојба без отпад.
На денот на акцијата беа собрани 60 м3 отпад, но до крајот на активностите се очекува овие количини да бидат двојно поголеми. Истовремено, Општина Велес започна со дистрибуцијата на стандардизирани канти за комунален отпад од 120 литри на улиците: „Костурска”, „Андреја Дамјанов”, „Пајак Планина” и „Партение Зографски”. На граѓаните со садот им се делеше и информативен леток за начинот на постапување со садовите, нивните права и должности во постапувањето со отпадот кој го создаваат.
Исто така во рамките на акцијата, свое учество земаа и сите основни и средни училишта преку организирање и спроведување на еколошки акции во својата училишна средина.
Националната акција „Македонија без отпад” полека но сигурно чекори кон целта да го одржи својот континуитет, со надеж дека сиот овој труд ќе биде општоприфатено однесување и ќе резултира со помалку отпад и почиста животна средина.