Мостот „Гемиџии" во Велес е целосно саниран и реконструиран

Завршија градежните работи за санација и реконструкција на мостот „Гемиџии” во Велес кој е дел од регионалниот пат Р 1312. Оваа реконструкција, Јавното претпријатие за државни патишта ја започна на почетокот на месец март по претходно изработена техничка и проектна документација.

 

На денешното пуштање во употреба на мостот присуствуваа Директорот на ЈП за Државни патишта Љупчо Георгиевски, Пратениците во македонското собрание Илија Димовски и Ѓорѓи Коџабашиев, Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев, Претседателот на Советот Александар Колев како и останати поединци кои овој период беа активно вклучени во реализацијата на целиот проект.

„Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на граѓаните на Велес и на сите оние кои го користат овој мост за трпението кои го имаат за време на реконструкцијата на мостот,а се со една цел што поскоро да се заврши мостот,а што веќе и резултираше со негово целосно завршување пред рокот. – истакна Директорот на ЈП за Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Имајки ја во предвид важноста од користење на мостот за комуникација на граѓаните од двете страни на градот, санацијата на горниот дел на мостот заврши во рекордно време – на почетокот на месец август, по што истиот беше пуштен во употреба за сообраќај. До овој период беше зајакната конструкцијата на мостот, се заврши со санирање на горниот дел на мостот – коловозната плоча, пешачките патеки, се поставија ивичниците на коловозот, оградата и хоризонталната сигнализација. Градежните активности по осбособувањето на мостот за сообраќај продолжија на долниот дел од мостот преку поставување на антикорозивна заштита на бетонските површини, санација со репартур малтер и инектирање на пукнатините со епоксидни смоли.

Реализацијата на овој проект е еден од најзначајните за локалната власт, не само по капиталната вредност туку и како потврда дека се реализираат приоритетните барања на велешани.

„Пред седум години се појавија пукнатините кои од година во година се ширеа. Санацијата на мостот беше едно од приоритетните барања на велешани. Со санација на мостот се доби трајна стабилност на истиот. Ова е прва реконструкција после 60 години поминати од неговата изградба. Изразувам огромна благодарност до Владата на Република Македонија и ЈП за Државни патишта што излегоа во пресрет и го извршија овој капитален градежен зафат.” – рече Градоначалникот Чадиев.

Иако предвидениот рок за завршување на работите беше една година, односно до март 2015 година целокупната санација на мостот е завршена четири и пол месеци пред време, односно на 17-ти октомври 2014 година кога е извршен и технички прием на истиот. Инвестиционата вредност за санацијата на мостот „Гемиџии” изнесува неполни 34 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија. И овој проект ја покажува силната и отворена поддршка која Владата во контиунитет ја дава на Велес и велешани.

„Oваа динамика е динамиката по која ние планираме да работиме и во следниот период и на овие проекти и на многу други проекти кои што сме ги ветиле и кои што сеуште не сме ги соопштиле на јавноста.” – истакна Пратеникот од Велес во Собранието на Република Македонија, Илија Димовски.

Мостот „Гемиџии” е една од главните сообраќајни артерии во градот за премин од едната на другата страна на градот. Неговата должина изнесува 172 метри, а ширината е 11,3 метри од кои широчината на ковозот изнесува 7 метри.