Поделени првите бесплатни канти за отпадоци
Општина Велес и оваа година се вклучи во одбележување на националната еколошка акција за расчистување на отпадот од јавните површини наречена „Македонија без отпад 2014”. Викендот се работеше на два пунктови: генерално чистење на населбата Караслари и поделба на бесплатни канти за отпадоци за граѓаните.
Денес, екипи на Општина Велес и ЈКП „Дервен” заедно со Градоначалникот Славчо Чадиев ја продолжија акцијата во која на 230 велешки семејства се изврши дистрибуцијата на стандардизирани канти за комунален отпад.
Станува збор за пилот проект во кој на жителите од улиците „Костурска”, „Андреја Дамјанов”, „Пајак Планина” и „Партение Зографски” ќе им бидат доделени овие канти за отпадоци.
-„По завршувањето на овој пилот проект и сумирање на резултатите за кој сме убедени дека ќе бидат повеќе од задоволителни, во текот на наредната година ќе го зголемуваме интензитетот на акцијата се со единствена цел порационално управување со отпадот и почиста животна средина.” – рече Градоначалникот Чадиев.
Во текот на акцијата, на граѓаните заедно со садот им се дели и информативен леток за начинот на постапување со садовите, нивните права и должности во постапувањето со отпадот кој го создаваат.