Одбележан Денот на македонската ревоулционерна бoрба

Општина Велес во континуитет веќе шест година на вистински начин се навраќа на големиот ден од македонската историја 23-ти Октомври 1983 година со цел да ја истакне суштина и значењето но и да ја открие историската вистина за самосвеста на македонскиот народ.  Во тој правец, денес со свечена академија во салата „Бели Мугри”, беше одбележан утрешниот голем празник кога се прославува Денот на македонската револуционерна борба.

 

Пред точно 121 години, под мотото „Смрт или слобода за Македонија“, шестмина македонски визионери со страст и решителност започнаа да ја шират идејата за создавање на сопствена, самостојна и независна држава. На нивната храброст и решителност денес се темели државноста на Македонија.

На денешната свечена академија, свое обраќање имаше Градоначалникот Славчо Чадиев кој истакна дека Општина Велес останува достоен следбеник на големите Македонци и гордо, со достоинство и љубов ќе продолжи да ја раскажува нивната историска вистина.

„Годинава се навршуваат 121 година од Денот кога Мекедонците пристапија кон организирање на револуционерно движење што ќе ги поведе во борба за својот идентитет, јазик, земја, татковина. Не е јубилејна година, но тоа не значи дека не е значајна. Напротив секоја година од 23 октомври 1893 година наваму е се поважна и позначајна за Македонија и за Македонците. Сите генерации Македонци во овие изминати 121 година имале своја мисија и значање. Првите да ја изнесат вистината пред светот, оние по нив да организираат вооружени борби, востанија, конгреси, да го поведат народот, да ја разгласат вистината. Тие по нив да ги остават животите за идејата и слободата, а ние да ги паметиме хероите, да ги оставиме засекогаш во колективната меморија на нацијата и да продолжиме да се бориме – за да го сочуваме најсветото:
идентитетот, јазикот, државата, нацијата. Нашата борба се води со знаење, економија, изградба, култура и традиција.” – истакна во своето обраќање Градоначалникот Чадиев.

Историчарите се подлабоко навлегуваат во архивските документи во Македонија и балканските земји, се попрецизно ги дефинираат ликовите на творците на првиот Устав на Македонската внатрешна револуционерна организација, се поблизу ни ја ставаат вистината за уваа историска раскрсница на Македонците.

Денес за неа, за вистината запишана во 1983-тата говореше проф. д-р Марјан Димитриевски. На оваа свечена академија свој настап имаа и музичките уметници Кристина Палија – сопран, Менка Богоевска – виолина и Невенка Трајкова – пијано. Тие празничната програма ја збогатија со свои изведби на прекрасни македонски народни песни.