ПРИМЕНА НА АСИСТИВНАТА ТЕХНОЛОГИЈА ВО РЕДОВНОТО И СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Денес во просториите на Општина Велес се одржа регионална тркалезна маса за Примената на асистивната технологија во редовното и средното образование. На настанот кој е во организација на Здружението „Отворете ги прозорците” беа презентирани искуствата и практиките од примената на асистивната технологија во осум основни и едно средно училиште од регионот.
Тркалезната маса ја отвори г-ѓа Катица Чадиева, Раководител на Одделение за јавни дејности при Општина Велес, која во своето обраќање пред присутните истакна дека кога е во прашање образованието и инклузијата на децата со инвалидност во редовната настава локалната самоуправа е секогаш отворена за соработка и за поддршка на проекти што ќе помогнат овој долг, сложен и пред се ентузијастички процес да заврши со успех.
-„Со самиот факт што работилницата има регионален карактер, а се одржува во Велес значи дека и организаторите препознале во нас вистински партнер што нас не охрабрува за продолжување на соработката, овој проект, но и предизвик за негово имплементирање во останатите училишта кои не се дел од проектот.” – истакна Катица Чадиева.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за е-пристапно образование кој има за цел да даде придонес кон поттикнување на инклузијата и активно учество на учениците со посебни образовни потреби во редовното образование. Двете велешки основни училишта „Васил Главинов” и „Св. Кирил и Методиј” се дел од вкупно 33-те училишта од државата кои партиципираат во проектот за „е-пристапно образование” со употреба на астистивна технологија во наставата за оваа категорија на ученици.