Стартува третата фаза од изградбата на експресниот пат Велес-Штип
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски денеска го означија отпочнувањето со градежни активности на третата фаза од експресниот пат Велес - Штип (до Кадрифаково). Третата фаза е преку населените места Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково со должина од 10,7 кимометри. Градежните работи за реконструкција и рехабилитација на овој патен правец почнаа во октомври лани, а треба да биде готов до 2015 година.
Првата фаза од изградбата се одвиваше од клучката Велес до велешката депонија во должина од 4,7 километри. Втората е во должина од 8,9 километри, со што е реконструиран и проширен патот со нова трета лента до село Лозово.
Целта на оваа реконструкција како што беше кажано е првенствено подигнување на нивото на безбедност, на граѓаните и сите оние кои транзитираат во овој дел да им се обезбеди побезбедно, модерно и комфорно патување.
Со овој зафат и со останатите кои се случуваат во регионот, источниот дел од државата дефинитивно ќе добие нов лик во патната инфраструктура. Многуте реконструкции и изградби на нови патишта се дел од напорите за подобрување на животот на граѓаните а со тоа и воопшто подобрување на еконмската перспектива на Република Македонија.