ПРОЕКТОТ „ДЕН ЗА ВАС“ – АКТИВНОСТ ВО ФУНКЦИЈА НА ГРАЃАНИТЕ

Денес на плоштадот С’рмаале во Велес се реализираше активноста „ДЕН ЗА ВАС“, како дел од проектот на Министерството за труд и социјална политика, Фондот на ПИОМ и Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Активноста, е дел од програмските цели на Владата на Република Македонија заради олеснување на пристапот на граѓаните до институциите и подигање на ефикасноста на јавната администрација.

На пунктот, граѓаните само со лична карта можеа да извршат проверка на нивниот стаж на осигурување и други податоци од ПИО, како и да добијат известување во хартиена форма, а се информираа и за прашањата поврзани со Првиот и Вториот пензиски столб.

Со Проектот „ДЕН ЗА ВАС“, се овозможува навремено информирање на осигурениците за состојбата со стажот и платите врз основа на кои се остваруваат правата од пензиското и инвалидско осигурување, како и ефективно учество на институциите во комплетирањето на тие податоци. На овој начин, Фондот на ПИОМ, покажува поголема транспарентност и доближување до граѓаните-корисници на услугите.

Инаку, согласно донесените измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот на ПИОМ, од наредната година има обврска да доставува податоци за стаж на осигурување и плати за секој осигуреник. Во почеток, овие податоци ќе се доставуваат по електронски пат преку работодавачот кој е и обврзник за доставување податоци што се водат во Матичната евиденција на Фондот. Од јуни 2015 година, Фондот ќе има законска обврска да овозможи електронски пристап во увидот на податоците за стаж и плати, при што, ќе се применуваат прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.