ПРОМОЦИЈА НА ВЕЛЕС ВО ШВАЈЦАРИЈА

Од 31 октомври до 2 ноември годинава, Општина Велес учествува на меѓународниот Саем за туризам и инвестиции што традиционално се одржува во швајцарскиот град Лугано, во регионот Тичино. На првиот саемски ден Градоначалникот Славчо Чадиев ги презентираше туристичките и економските потенцијали на Велес и воспостави соработка со претставници на општини, од регионите во Швајцарија, Романија , Италија , Хрватска и други земји во светот. Веќе е покрената иницијатива за соработка со романскиот град Хунедоара од регионот Трансилванија каде во мај 2015 година, Општина Велес ќе учествува на саем за промоција на архитектонското наследство.

 

Учеството на општината на саемот „Ивијаџјатори“ во Лугано е одлична можност за привлекување на интересот на посетителите и инвеститорите за туристичките атракции и економските потенцијали на Велес и Вардарскиот плански регион како македонски пат на виното. Градоначалникот Чадиев оствари средба и со Македонци кои живеат и работат во Лугано. Особен интерес кај посетителите на штандот на општината привлекоа археолошкиот локалитет Стоби и винскиот туризам во Вардарскиот плански регион како и олеснителните можности за инвестиции во Општина Велес. Посетителите се интересираат и за културните знаменитости и манифестации. Покрај општинските и регионалните капацитети, на саемот во Лугано, Општина Велес ги промовира и угостителските капацитети во Велес како и можностите за атрактивни спортови.