СЕ ИНТЕНЗИВИРА КОМУНИКАЦИЈАТА СО УРБАНИТЕ И МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Денес во Општина Велес се одржа работен состанок помеѓу Претседателите на урбаните и месните заедници и Претседателот на Советот Александар Колев. Целта оваа средба e во правец на интензивирање на комуникацијата помеѓу овие тела и локалната самоуправа. Со тоа не само што се зајакнува улогата, значењето и функционирањето на месните и урбаните заедници, туку се подобрува и директната партиципација и влијание на граѓаните при одлучувањето.

 

Притоа, заеднички беше нагласена потребата од одржување на редовни состаноци на урбаните и месните заедници во рамите на своите совети и жители но исто така и со надлежните од локалната самоуправа. Ваквиот начин на соработка и комуникација со граѓаните ќе го подобри не само функционирањето на општинските служби, туку и директниот контакт со граѓаните во донесувањето одлуки и реализацијата на проекти со кои ќе се создадат подобри услови за живеење.

Во овој правец се и посетите на Градоначалникот Славчо Чадиев кој изминатиот месец оствари средба со жителите на повеќето месни заедници. На овие состаноци граѓаните имаат можност да се запознаат со тековните работи што се случуваат во општината, да ги изнесат приоритетите и проблемите со кои тие се соочуваат но исто така и да се запознаат со плановите кои локалната самоуправа во иднина има намера да ги реализира.

На денешниот состанок, од страна на Претседателот Колев, присутните беа инофмирани и за процесот на изготвување на Програмите за работа на Општина Велес во 2015 година. Во таа насока, на 26-тата седница на Советот беа усвоени Нацрт-програмите за кои во Понеделник ќе следуваат и јавните расправи. Носењето на програмите во нацрт-фаза не е законска обврска, но е потврда за добрата пракса која ја има воспоставено општината во поглед на транспарентното и отчетно работење. Токму од урбаните и месните заедници се очекува поголема улога во дефинитивното креирање на годишните програми, преку активен придонес со изнесување на сите мислења и иницијативи кои ке бидат забележани и ставени на разгледување.

Општината Велес е една од ретките општини во државата каде одлично функционира работата на урбаните и месните заедници, како начин на подемократско и поефикасно исполнување на граѓанските интереси