На велешкото семејство Давчевски потребна му е нашата помош
На 1 ноември околу 9 часот наутро изгоре семејната куќа Велибор и Ленче Давчевски во населбата Керамидна. Со брза и профеционална интервенција на ТППЕ, пожарот беше изгаснат, но штетата за семејството е ненадомествива. Единствена среќна околност е што се спасени четирите малолетни деца кои спиеле кога се случила несреќата. Денес ден по катастрофалниот пожар, на местото на настанот, улицата Наце Димов бр. 62, присутни беа Пратеникот од Велес во Собранието на Република Македонија Илија Димовски, Претседателот на Советот Александар Колев како и неколкумина раководители на велешки инстутиции кои веднаш ја истакнаа спремноста за помош и санирање на штетите од несреќниот случај.
„Ќе мораме како луѓе, како град, како фирми, како комапнии, да покажеме поголема свест и разбирање спрема луѓето и затоа јас апелирам до сите граѓани на Велес и пошироко оние кои можат да си дозволат да помогнат да го направат тоа без задршка. Кој колку може некој со храна, некој со градежни материјали да помогнеме ова семејство да си го врати својот дом. Ќе превземеме обврска ние да ги исконтактираме позначајните стопански субјекти во градот да ги информираме и да ги замолиме ако имаат можност, желба и капацитети да помогнат.“ рече Пратеникот Илија Димовски.
На првата седница на Советот на Општина Велес, советниците по предлог на Претседателот Александар Колев на ова семејство ќе му доделат еднократна парична помош.
-„Секогаш кога има вакви немили настани излегуваме во пресрет согласно со можностите и буџетските средства на Општина Велес, издвојувајки средства и од Буџетот на Советот на Општина Велес и Градоначалникот од својата сметка.“ - истакна Александар Колев, Претседател на Советот на Општина Велес.
Велибор и Ленче Давчевски заедно со нивните четири деца, кои за десетина минути го изгубија својот дом во пожарот што избувна од сеуште неутврдени причини, засега се сместени кај свои роднини. Веќе е најавена помошта од Министерството за труд и социјална политика, ЈКП „Дервен”, Црвениот крст, бизнис секторот како и од многу други добронамерници. Со оглед на ниските температури и ситуацијата во која се најде семејството, секоја помош или иницијатива во текот на наредните денови е добредојдена. Велес уште еднаш ќе ја докаже својата хуманост и ќе им излезе во пресрет на нашите сограѓани овозможувајќи им нормални услови за живеење.