Градоначалникот Чадиев го посети семејството Давчевски
Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, во текот на денешниот ден го посети семејството Давчевски, чиј дом во населбата Керамидна, викендов беше зафатен од катастрофален пожар. Од негова страна за санирање на штетите предизвикани од несреќниот случај, на семејството ќе им биде доделена еднократна парична помош во висина од 30.000 денари, а финансиска поддршка ќе следува и од Советот на општината. Инаку, во текот на вчерашниот и денешниот ден екипи на ЈКП „Дервен” работат на отстранување на градежниот шут кој зад себе го остави огнот, по што со поддршка на бизнис секторот и хуманите граѓани на ова велешко семејство повторно ќе им се обезбедат достоинствени услови за живот. Воедно, Општина Велес им се заблагодарува на сите добронамерни граѓани кои се одзваа на апелот за помош и преку своите донации ја покажаа својата хумана страна.