Заврши општинскиот противпожарен квиз натпревар
Во рамките на свеченостите по повод одбележувањето на 70-годишнината од Денот на Општина Велес, денес се одржаа натпреварите од Општинскиот противпожарен квиз натпревар. На овој, 32 по ред општински натпревар, учествуваа учениците од сите основни и средни училишта во градот. Натпреварот за отворен го прогласи членот на Советот на Општина Велес,Петре Саздов, кој на сите учесници им посака среќен ден и многу успех.
„На сите учесници сакам да им порачам дека ова денес треба да го прифатат само како проверка на сопственото знаење, за да имаат в реме и можност да го надополнат, да го збогатат, да осознаат. Овој настан е само потврда за тоа колку успеале во сето тоа. И затоа денес ќе нема победени и поразени. Ќе има само рангирани. Најдобрите ќе добијат можност да ги докажуваат своите знаења пред своите врсници на регионалниот и понатаму на републичкиот натпревар.” – истакна во своето обраќање советникот Саздов.
Натпреварите се одржаа во две групи. Во скоро изедначена конкуренција кај учениците од основните училишта најдобри резултати постигнаа ООУ „Св. Кирил и Методиј“ со освоени 45 поени, потоа се учениците од ООУ „ЈХК Џинот“ со 40 поени и третото место им припадна на ООУ „Блаже Конески“ со 35 поени.
Во конкуренција на ученици од средните училишта првото место со 55 поени го освоија ССОУ „Коле Неделковски“, веднаш по нив со 50 поени се учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и третото место им припадна на учениците од СОУ „Јовче Тесличков“.
Првопласираните екипи се стекнаа со право на учество на регионалниот квиз натпревар.Манифестацијата, која ја организира Општинскиот противпожарен сојуз под покровителство на градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, со музички настап ја збогатија учениците од ССОУ „Димитрија Чуповски“.