ВЕЛЕШКИОТ АКТЕР АЛЕКСАНДАР ЃЕОРГИЕВ Е ДОБИТНИК НА АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО”

Комисијата за доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ одлучи годинава престижната награда да му се додели на велешкиот актер Александар Ѓеоргиев од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ - Велес. Одлуката во име на комисијата, на прес конференција ја соопшти Александар Ивановски.

 

„Александар Ѓеоргиев е симбол за исклучително прецизна актерска игра, експресивно извајана до јасно подвлечени нијанси. На моменти суптилна и скокотлива, на моменти вжарена до усвитување – но секогаш прочистена, силна, слободна. Неговото промислување на сценското присуство е за секој восхит. Сме го гледале на сцената во разни роли – секогаш ангажиран и храбар во изразот, минуциозен во дејствијата. Како човек можеби скромен, тивок и ненаметлив, но ние, неговите колеги, добро знаеме дека е секогаш отворен за топла соработка, совет, помош.” – истакна Александар Ивановски во својство на Претседател на жири-комисијата.

Во образложението на наградата стои и дека континуитетот и интензитетот на полвековно сценско постоење на актерот Ѓеоргиев, во секој поглед е импозантен. Тој е театар – сериозен, хируршки прецизен, промислен, елегантно духовит. Неговите ликови уште долго ќе ја бараат својата вистина, својата правда на сцената - осветлувајќи ни притоа нам, неговата публика, круцијални аспекти од човечката егзистенција.

Наградата „Петре Прличко“ е востановена во 2006 година на иницијатива на Општина Велес, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ - Велес и Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“. Александар Ѓеоргиев наградата ќе ја прими во Петок на Свечената седница на Советот, во рамките на одбележувањето на Денот на Општина Велес кога во негова чест актери од велешкиот Народен театар ќе одиграат дел од претствата „Шашардисани времиња”.