ОПШТИНА ВЕЛЕС СО ВИСОКО НИВО НА ОДГОВОРНОСТ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОТЧЕТНОСТ ВО СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ
Здружението на финансиски работници изминатиот период го реализираше проектот чија цел беше да се истражат добрите практики во доделувањето на договорите за јавните набавки во ЕЛС Велес. Анализата во која покрај наодите од истражувањто се најдоа и заклучоците и препораките, беа презентирани во Општина Велес. Здружението започна да го реализира проектот во Август оваа година. Тимот за имплементација работејќи според планот и методологијата за работа, направи истражување на јавните набавки во локалната самоуправа и изработи анализа во која меѓу другото се најдоа и неколку битни поенти:
• Општина Велес има стекнато ИСО сертификат 9001:2008 со кој се потврдува дека општината има воспоставен и соодветно одржуван систем за управување што ги исполнува барањата на стандардот ИСО 9001:2008;
• Во Општина Велес е воспоставен соодветен начин на партиципативност во делот на утврдување на потребите на набавките, како составен дел на процесот на буџетирање, што претставува основа за изработка на годишниот план за јавни набавки;
• Донесувањето на буџетот на општината и на програмите за развој на буџетот на општината се врши навремено и во законски утврдените рокови, што претставува еден од основните предуслови за донесување на годишниот план за јавни набавки во законски утврдениот рок;
• Обезбедено е навремено донесување на планот за јавни набавки и негово објавување на веб страницата на општината и покрај тоа што не постои законска обврска за негово објавување;
• Обезбеден е висок степен на точност при планирањето на јавните набавки, така што неговото менување и дополнување е занемарливо, односно учествува само со 0,6% во вкупната вредност на планот за јавни набавки;
• Изработката на тендерската документација е во рамките на законските барања и ги содржи потребните информации утврдени со Законот за јавни набавки;
• Општина Велес спроведува истражување на пазарот и покрај тоа што во извештајниот период за 2013 година не постоеше законска обврска за истражување на пазарот. Таа активност е спроведувана во фукција на осознавање на движењата на пазарот и обезбедување точни и навремени информации;
• Во 2013 година реализирани се вкупно 93 огласени постапки за ЈН, за кои се примени само 3 (три) жалби. Од нив, 2 (две) биле одбиени како неосновани. Ова упатува на висок професионализам во реализирањето на ЈН и доследно почитување на Законот за јавни набавки;
• Воспоставено е соодветно досие со приложени потребни документи во делот на утврдување на потребата, иницирање и спроведување на постапките за договор за јавна набавка. Ова влијае да не постојат ризици во тој дел и што упатува на заклучокот дека е воспоставен соодветен ефикасен систем на интерни контроли насочени кон остварување на посебните и општите цели на општината;
• Воспоставен е соодветен систем за следење на реализација на договорите за јавни набавки, што обезбедува соодветна вредност за дадените пари, односно доследна примена на принципот „Value for money“;
• Тимот на истражувачи утврди индекс на одговорност, транспарентност и отчетнот во делот на доделувањето договори за јавни набавки на општината Велес на ниво од 4,03. Ова упатува на општина со високо ниво на одговорност, транспарентност и отчетност.
Врз база на ова истражување и добиените заклучоци засновани на истражувачките наоди, тимот за имплементација во својата анализа посочува и на неколку препораки меѓу кои:
• Да се обезбеди континуирано следење на промените на меѓународните стандарди за управување со квалитет и обезбедување усогласеност на процедурите за работењето на Општина Велес во делот на јавните набавки;
• Општина Велес да продолжи со следење на законските и подзаконските акти во делот на доделувањето на договори за јавни набавки и да обезбеди навремено изменување и дополнување на интерните политики и процедури со кои подетално се уредува наведената област;
• Заради поголема прегледност и воочливост во делот на потребните информации за доделување договори за јавни набавки на веб страницата на општината (www.veles.gov.mk) да се креира посебен таб под наслов „Јавни набавки“;
• Општина Велес да продолжи со воспоставената практика на обезбедување континуирана едукација на вработените што се вклучени во процесот на доделување договори за јавни набавки.
Проектот „Истражување на добрите практики во јавните набавки” e финансиран од Европската Унија, а е грантиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС). Партнери на проектот се: Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС); Охрид институт за економски стратегии и меѓународни односи (ОИ) и Македонски институт за медиуми (МИМ).