Се гради фекална канализација на Езерото Младост

Општина Велес продолжува со интензивните градежни активности за изградба на нови фекални канализациони мрежи. Овие денови на Езерото Младост во тек се активности за изградба на фекална канализациона мрежа во должина од околу 1.100 метри која ќе се поврзе на постоечкиот колекторски систем и изградената пречистителна станица.

 

Со ова и со претходно реализираниот капитален проект за поврзување на Езерото Младост со градскиот водоснабдителен систем се продолжуваат напорите на Општина Велес за уредување на просторот околу езерото се со една цел, оваа локација и општината воопшто да станат погодна и препознатлива туристичка дестинација.

Езерото Младост, со својата локација, нуди можност за развој на туризмот: транзитен, спортски, забавен, риболовен, ловен, вински и рекреативен со развој на хотелиерството во чиста и здрава животна средина. Во тој правец е и објавениот повик на локалната самоуправа за продажба на плацови наменети за изградба на хотели и мотели.

Изградените водоводни и канализациони системи во многу ќе придонесат локациите околу Езерото Младост да станат уште поатрактивно место за домашните и странските туристи чиј што број од година во година е се поголем.