СТАРТУВА ПРОЕКТОТ „ВЕЛЕС – ГРАД НА КУЛТУРАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2015 ГОДИНА”
Како што веќе и е познато на јавноста Велес вчера и официјално го доби решението на стручната комисија со кое се прогласува за „Град на културата во Република Македонија“ за 2015 година. Проектот содржи 67 манифестации кои продуцираат околу 200 културни настани од различни жанрови – Филм, музика, театар, фолклор, литература, ликовна уметност, опера и балет.
За среќа Велес располага со соодветни објекти за имплементација на проектот и со професионален и стручен тим за негова реализација. „Велес град на културата“ е проект на целиот град и затоа во неговата реализација ќе бидат ангажирани сите културни установи и институции, граѓански организации, но и поединци, уметници од различни профили.
Како носител на проектот Општина Велес го задржува правото да го збогати со уште содржини и настани како од национален така и меѓународен ранг.
На денешната пресконференција градоначалникот Славчо Чадиев ја информираше јавноста дкеа веќе во недела се стартува со манифестацијата „Ноќ спроти Водици“ што ќе се реализира во соработка со Кинотека на Македонија и Народниот театар „ЈХК Џинот“ од Велес онака како што доликува – во новата театарска зграда.
„Станува збор за проекција на дигитално реставрираниот филмски опус на браќата Манаки - првите сниматели на Балканот. Тоа е проект на Министерството за култура со кој Македонија се претставува во светот и кој до сега го имаат видено само посетителите на фестивалот Манаки и културната јавност во Турција.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Проекцијата е придружувана со музика во живо од дуото Маротови. Настанот „Ноќ спроти Водици“ ќе се одржи на 18.01 – недела во 19:00 часот, во новата театарска зграда. Комплетната програма за манифестацијата ќе биде достапна на официјалната страница на Општина Велес, а многу скоро ќе биде и отпечатен календар со настани за целата година.