СЕ ПРОДАДОА 9 ПАРЦЕЛИ ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА РЕЧАНИ 2 И 4 ПАРЦЕЛИ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ НАМЕНЕТИ ЗА ИЗГРАДБА НА МОТЕЛИ
Општина Велес пред малку го заврши процесот на електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, а кој се однесуваше на продажбата на плацови во Индустриската зона Речани 2 и на Езерото Младост. Градоначалникот Славчо Чадиев денес на пресконференција ја информираше јавноста дека во двете јавни наддавања се продадоа вкупно 9 плацови во Индустриската зоан Речани 2 и 4 парцели на езерото Младост.
-„Од продажбата на градежното земјиште во Индустриската зона Речани 2, Општина Велес ќе инкасира вкупно 16.194.539 денари. Почетната цена на наддавањето на кое што беа пријавени 34 кандидати изнесуваше 61 денари по метар квадратен, а највисоката продажна цена за една парцела изнесуваше 651 денари по метар квадратен.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Што се однесува за лицитирањето на парцелите на езерото Младост на денешното лицитирање беа продадени 4 парцели на кои се предвидува изградба на мотели. Почетната продажна цена на овие парцели изнесуваше 283 денари од метар квадратен, а сите беа продадени по единечна цена од 313 денари за м2.
-„Ја користам оваа прес конференција јавно да им честитам на сите бизнисмени и инвеститори кои беа далекувиди решавајќи се да ја искористат поволноста на цените за продажба на плацови и да инвестираат во Општина Велес во бизнис за кој што сум убеден дека има одлична перспектива.” – напомена градоначалникот Чадиев.
Инаку, целокупниот процес на продажба на градежно земјиште во индустриските зони и на езерото Младост е од огромна важност за стопанскиот развој на Велес од повеќе причини. Прво и основно - развој на стопанството и можност за отворање на нови работни места. Тоа значи јакнење на фирмите и подигнување на стандардот на граѓаните. Придобивка е урбанизацијата на крајбрежјето на езерото и негово уредување. Со изградбата на комплекси од хотели и мотели се зголемува можноста за поквалитетна туристичка понуда, за развој на ловен, риболовен и транзитен туризам.