Голем пожар во Велес, едно лице загина, изгореа неколку куќи

Страшен пожар синоќа избувна во велешката населба „Дворови”. Целосно изгореа домовите на семејствата Јанушеви и Бошкови. Речиси ништо не остана и од шивачката работилница во близина, а огнот зафати уште три куќи од соседството. 74 годишна жена го загуби животот откако остана затрупана под урнатините во пожарот. 12 лица останаа без покрив над главата.

 

Огнот избувна околу полноќ. Поради силниот ветер многу брзо се прошири во густо населеното место. Жителите спасувале се што можеле. На помош им притрчале соседите. Велат глетката била страшна.

- „Избувна огнот после 24:00 часот и веднаш за половина час многу се рашири. Само ги земавме децата и веднаш истрчавме надвор. Многу страшно беше.” - рече граѓанин од населбата „Дворови”.

Четири часа пожарникарите се бореа со огнената стихија. Освен единицата од Велес, на помош им им пристигнаа и цистерни од Скопје, Свети Николе, Штип, Неготино и Кавадарци. Ноќта со овие граѓани ја помина и градоначалникот кој денеска им вети помош.

-„Јас уште денеска ќе потпишам решение за парична помош од по 30.000 денари за сите три семејства. Откако ќе заврши увидот во Четврток ќе ја поставиме како точка на дневен ред на седница на Совет.” – истакна градоначалникот Чадиев.

На лице место денеска дојде и Министерот на труд и социјала Диме Спасов и пратеникот Илија Димовски. Откако разговараа со граѓаните и ја видоа штетата им најавија дека нема да бидат оставени сами на себе.

-„Центарот за социјални работи од Велес и министерството ќе доделат еднократна парична помош на семејствата. Ние ќе ја следиме состојбата и ќе направиме се да им помогнеме на овие луѓе.” - рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

-„Како град сега можа да ја покажеме нашата хуманост. Институциите, фирмите и граѓаните да им помогнеме на овие граѓани кои речиси загубија се што имаат.” – напомена пратеникот од Велес во македонското собрание Илија Димовски.

По страшната ноќ, од денеска веќе започнува санацијата на куќите. Локалната самоуправа и ЈКП Дервен ќе започнат со расчистување на теренот.