Велес учесник на меѓународен фестивал на жените во Шербур
На покана на градот Шербур Октевиљ, од регионот Долна Нормандија, Република Франција, госпоѓа Нада Трајкова, член на Советот на Општина Велес, учествуваше на шестото издание на фестивалот „Жената во Градот 2015“. Во рамките на активностите на фестивалот, на 28 февруари годинава, госпоѓа Трајкова учествуваше на тркалезната маса посветена на жените во политиката.
На меѓународниот настан на кој учествуваа и жени избрани функционери од Франција, Обединетото Кралство и Сенегал, госпоѓа Трајкова, како претставник на Велес и Република Македонија говореше за образованието, општествените активности, улогата и влијанието на жените избрани функционери во Република Македонија. „Комплексноста на задачите и обрските што ги има жената како мајка, сопруга, професионалец и истовремено избран функционер во локалната самоуправа не ја спречува македонската жена успешно да ги избалансира грижата за семејството, своето образование, развојот на професионалната кариера, активното учество во работата на Советот на општината и тековните општествени активности“ рече меѓу другото Трајкова која нагласи дека и покрај фактот што во многу земји улогата на жената е ограничена на социјалните теми, во Република Македонија професионалниот развој на жената е прашање на избор и дека има многу жени со професии од областа на науката и техниката. Во контекст на примената на Законот за еднакви можности, госпоѓа Трајкова ги информираше присутните дека жените во Велес учествуваат во политичкиот живот со над 30% што е стандард утврден со законот. Во рамките на престојот во Шербур од 27 февруари до 2-ри март годинава, госпоѓа Трајкова оствари средба со Градоначалникот на Шербур, г-дин Жан Мишел Улгат, како и со замениците-градоначалници за култура, образование, социјална заштита, урбанизам, млади и меѓународна соработка. На средбите беа договорени конкретни активности во сферата на соработката помеѓу училиштата, театрите и архитектите во областа на заштитата на културното наследство. При престојот во Шербур, госпоѓа Трајкова имаше можност да посети значајни културни знаменитости како театарот „A l’Italienne“, споменикот на Наполеон и островот Сент Мишел.a