Доделени 70 решенија за легализација на 70 дивоградби

Денес во просториите на Општина Велес, Градоначалникот Славчо Чадиев заедно со Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на 70-тина граѓани свечено им ги доделија решенијата за легализираните објекти.

На процесот на легализација, интензивно се работи во Локалната самоуправа. На денешниот настан од страна на градоначалникот Чадиев беше истакнато дека и во наредниот период исто така со забрзано темпо ќе се продолжи во овој правец како би се зголемила динамиката на решени случаи.

-„Ја користам оваа прилика и да упатам апел до сите оние граѓани, околу 2.400, кои немаат доставено елаборати за легализација на објектите истите да ги достават што е можно поскоро.” – истакна градоначалникот Чаидев.

Во Општина Велес досега од вкупно 7864 поднесени барања, легализирани се околу 2.800 бесправно изградени објекти. Оваа мерка на Владата на Република Македонија на брз и едноставен начин за само 1 евро од м² им овозможи на граѓаните да си обезбедат трајна сопственост над имотот.

-„Воедно со ова имаат можност и да си земат кредит за било какви инвестиции, ова е прв чекор, а доколку објектот е изграден на земјиште на Република Македонија исто така може да го приватизираат по едно евро. Ова е можност граѓаните да си ја запишат сопственоста на земјиштето и објектите во катастар и да си имаат имотен лист, истакна Јанакиевски.” – рече министерот Јанакиески.

Но исто така легализацијата е од огромна полза за сите граѓани на Велес затоа што по завршување на легализацијата општината ќе пристапи кон втората фаза, а тоа е внесување во деталните урбанистички планови на сите бесправно изградени легализирани објекти. На овој начин ќе се добие вистинска слика за состојбата со инфраструктура и за потребата од нејзино проширување.