МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ОДРЖА КОНЦЕРТ ЗА НАЈМЛАДИТЕ ВО ВЕЛЕС

Во рамките на проектот „Велес-Град на културата за 2015 година, денес во Велес гостуваше Македонската филхармонија, каде што под диригентство на маестро Борјан Цанев се претстави со симфониски концерт наменет за најмладите. Оркестарот настапи во новиот велешки театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“, каде ја изведе популарната оркестарска свита „Петре и волкот“.

„Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. На пример, во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре итн.
Приказната го следи Петре кој поминува некое време во куќата на својот дедо сместена во шума. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати...
И овој пат наратор беше миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ги водеше децата низ авантурите на Петре.
Гостувањето на Македонската филхармонија во Велес е дел од мисијата на оваа институција да влијае врз музичката едукација на младите и во другите градови во Македонија.