Велешки истражувачи заминуваат на научен собир во Хјустон
Денес во просториите на Општина Велес, градоначалникот Славчо Чадиев оствари средба со младите сограѓани Тамара Савевска и Синиша Јовиќ кои од 7 до 11 мај ќе учествуваат на престижен научен собир на средношколци во Хјустон, Тексас, САД. На натпреварот, млади истражувачи од целиот свет ќе ги презентираат своите истражувања од областа на енергијата, инженерството и животната средина. Оваа година помеѓу стотиците проекти кои конкурираа, беше и проектот на Тамара и Синиша на тема „Портланд цемент и хидратна вар – ефикасни неоргански адитиви за стабилизација/ жсолидификација на згура богата со цинк и олово“. Ним денес од страна на градоначалникот Чадиев им беше ветена поддршката на општината за претстојното патување.
-„Локалната самоуправа секогаш е заинтересирана за ваквите проекти посебно оние кои ја имаат екологијата како своја цел. Затоа денеска по нивната кратка презентација одлучивме да им помогнеме со тоа што ќе финансираме дел од патот за Хјустон за настапот на Олимпијадата.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Целта на истражувањето е да се најде најефикасен, ефтин и еколошки адитив за стабилизација на згурата богата со олово и цинк која се наоѓа во близина на Топилницата, да се преобрази во форма која нема да биде реактивна и ќе биде погодна за соодветно депонирање, а ќе се оневозможи секакво понатамошно загадување од истата.
-„Најголемо е задоволството кога по спроведеното истражување ќе се најде решение за да му се помогне на градот и да се реши таа еколошка катастрофа, како што би рекле. Секако уште поголемо е задоволството кога локалната самопуправа ќе не поддржи на било кој начин.” - рече Тамара Савевска.
-„Во истражувањето направивме на физички план металите од згурата оловото и цинкот да станат нереактивни преку намалување на нивната површина и потоа тие да може да се складираат на начин и место за да не загадуваат. Вака како што се сега оставени и натаму се опасност за околината.” - рече Синиша Јовиќ.
Taмара и Синиша се средношколци во ПСУ „Јахја Кемал“, Автокоманда, Скопје. Во 2013 година иучествувале на 21 – та интернационална олимпијада INEPO во Истанбул, Турција, кадешто со нивниот научен труд на тема „Можности за реупотреба на алуминиум сулфат од талог во процесот на преработка на вода“ го освојуваат сребрениот медал. Истата година Општина Велес ги наградува со 9 – то Ноемвриска награда.