Велес доби грант од Јапонија во висина од 53.884 евра

Вчера во Канцеларијата за врски во Скопје при Јапонската Амбасада во Виена беа потпишани договорите од програмата за поддршка на мали проекти - Japanese Grant Assistance for Grassroots Human Security Projects (GGP) за јапонската фискална година 2014 во износ од 259.998 евра за имплементација на четири проекти во Македонија.

Покрај на Општина Велес, Владата на Јапонија грант им додели и на општините Центар Жупа и Демир Хисар како и на Универзитетската клиника за радиологија во Скопје.
Договорот кој предвидува рехабилитација на заеднички простории на три училишта во Општина Велес во висина од 53.884 евра, го потпиша лично градоначалникот Славчо Чадиев.
Проектот се однесува на зградата во која се сместени двете основни општински училишта Благој Кирков и Јордан Хаџиконстантинов Џинот како и училиштето за деца со посебни потреби Маца Овчарова. Во нив дневно престојуваат приближно 800 ученици.
Целта на овој проект е да обезбеди неповратна финансиска помош за два котли за греење и обнова на 20 тоалети за учениците од трите училишта да ја следат наставата во адекватни услови.
Предвидено е проектот да започне на 1 април и да заврши на 1 октомври 2015 година.