Работен состанок за новите административни закони

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, денеска одржа работен состанок со претставници на институции од јавниот сектор во Oпштина Велес. Таа ги претстави најбитните сегменти од спроведувањето на новите закони за администрација, Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

На средбата на која присуствуваше и градоначалникот Славчо Чадиев, дискутираа претставници од образовните, здравствените и културните институции, како и од комуналните претпријатија, кои се интересираа за прашања поврзани со нивната дејност на работење.
Арсовска Томовска напомена дека во Министерството за информатичко општество и администрација се задолжени лица и тимови по одредени области од јавните дејности, постојано достапни за сите централни и локални институции, кои се интересираат за прашања поврзани со административните закони.
Oд страна на градоначалникот Чадиев беше истакнато дека Општина Велес во целост ги поддржува напорите на Владата на Република Македонија за имплементирање на соодветни законски решенија кои ќе овозможат создавање на ефикасна, ефективна и транспарентна администрација. Целта на локалната самоуправа која управува со јавните средства на граѓаните на Велес е да се има професионален кредибилитет, ефективност, ефикасност и клучна ориентација: граѓанинот на прво место.
На работниот состанок беше упатен и апел до сите административни и јавни службеници во Велес секогаш да ја имаат во предвид одговорноста на нивната професија и на најдобар можен начин да го стават своето знаење и вештини во интерес на граѓаните и нивните потреби.