НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК Е ЕДЕН ОД ПОЗНАЧАЈНИТЕ РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ ДОСЕГА И ТОЈ НЕСОМНЕНО ПРЕТСТАВУВА ГОРДОСТ НА СИТЕ ГРАЃАНИ
Во интерес на вистината која им ја должиме на граѓаните, а која се однесува за новоизградениот кружен тек на влезот во Велес за кој сум убеден дека претставува еден од позначајните реализирани проекти во изминатиов период, дозволете ми да изнесам уште неколку факти за постапката, квалитетот и стручноста на изведените работи:
1. Кружната крстосница иако се наоѓа помеѓу два регионални патни правци и една улица во градот, истата е во опфататот на Генералниот урбанистички план за Град Велес. Имајќи го во предвид овој факт, а со тоа и наметнатата потреба од изградбата на кружниот тек, сосема оправдана е намерата на Општина Велес за реализацијата на овој проект.
Дозволете само да појаснам дека претходната трократна крстосница, според сите стручни и експертски мислења воопшто не го задоволовуаше севкупното ниво на сообраќајна услуга, како и нивото на безбедност во неа, што беше од огромно значење за граѓаните на Велес и сите останати кои транзитираа преку овој премин.
2. Земајќи го сето ова во предвид, уште во 2010 година изработен е „Основен проект за кружна раскрсница помеѓу регионален пат Р526, регионален пат р103 и ул. Димитар Влахов”. Овој проект е изработен од Овластено друштво за проектирање, инженеринг и изведба Студио ТТ ДООЕЛ Скопје, а истиот е ревидиран од страна на Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” oд Скопје.
Според Извештајот од извршената ревизија, се констатира дека проектираното ,цитирам “сообраќајно решение во целост е изработено според основите за планирање и проектирање во областа на сообраќајот, како и според потребите за уреден и безбеден сообраќаен режим. Поткрепа на ова е и Ивештајот за извршена повторна ревизија на основниот проект изработен од страна на стручна комисија при истата надлежна институција”.
3. Понатаму, во овој правец, во месец Јануари 2014 година, изработен е „Проектот за инфраструктура за изградба на кружна раскрсница помеѓу регионален пат Р526, регионален пат Р103 и ул. Димитар Влахов”. Проектот е стручно изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија а истиот во целост го ставаме на увид на јавноста и сите заинтересирани страни.
4. Од страна на Градежниот институт „Македонија” AД Скопје, во месец февруари 2014 година, извршена е ревизија и на овој проект во која стручната комисија цени дека понуденото решение е изготвено во соласност со методологијата регулирана со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење и со останатите правилници од оваа проблематика.
5. За потребите на реализацијата на овој проект изготвен е и Елаборат за заштита на животната средина од страна на Друштвото за заштита на животната средина ЕКО-Теам Скопје и Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени од страна на Друштвото за геодетски работи „Теовадо” Велес. Согласности се добиени и од ЕВН Македонија, ЈКП Дервен, Македонски телеком, МВР-СВР Велес и други надлежни институции. Врз основа на сето тоа на 20.03.2014 година издадено е и Одоборението за градење на новиот кружен тек.
6. На крајот, од страна на Друштвото за проектирање и инженеринг ХИДРО ГРАДЕЖЕН ИНЖЕНЕРИНГ Скопје издаден е и Завршен извештај за иведените работи, каде според надзорот и техничкиот преглед се констатира дека објектот „кружна раскрсница” е изградена согласно законите, стандардите за квалтитет и останатите поврзани прописи.
Крајот на сите овие активности беше изградбата на кружниот тек и неговото пуштање во употреба на 9 ноември – Денот на ослободувањето на Велес. Дозволете ми, почитувани новинари, да Ви ја презентирам оваа фотографија на која што најдобро се гледа како изгледаше местото пред и по изградбата на кружниот тек.
Но она што најповеќе ми дава за право да верувам во исправноста на овој проект, е и податокот кој предмалку го добив од СВР Велес дека од изградбата па се до овој момент не е регистриран ниту еден соообраќаен инцидент на кружниот тек. До пред само 5 месеци сообраќајните незгодни на овој потек беа вообичаени, а опасноста од директен судир на возилата кои се движеа кон и надвор од градот, секојдневно демнеше над сите нас.
На крајот, уште еднаш ќе повторам дека новиот кружен тек е еден од позначајните реализирани проекти досега и тој несомнено претставува гордост на сите граѓани. Во следниот период ќе продолжиме со изградбата на други вакви капитални проекти со кои ќе создадеме подобри услови за живеење и во тоа нема да не поколебаат деструктивните обиди на СДСМ, на кои што развојот на Велес и Република Македонија не им одат во прилог.