Започна Саемот на книга во Велес
,,Неделата на книга” официјално започна и во Велес. Манифестацијата е во организација на Клуб Матица, Народниот театар, а поддржана е од Општина Велес. Организаторите ветуваат многу возбудливи наслови. Велешани ќе имаат можност од 16-ти до 18-ти април да си ги купат омилените книги, а со тоа да помогнат да се соберат средства со кои ќе се купат книги и ќе се донираат во Библиотеката ,,Гоце Делчев” во Велес.
,,Народниот Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот”, како домаќин на овој саем на книга е почестен од можноста да допринесе кон зголемување на љубовта кон пишаниот збор. Ова е можност Велешани да го посетат Народниот театар, да уживаат во книгите и претставите кои ги имаме периодов. Денес ќе може премиерно да се погледне ,,Амбивалентност” дел од Танц Фест, петок е резервиран за ,,Сите Мои Слики”, повторно дел од Танц Фест, а сабота, 18-ти април граѓаните ќе може да ја погледнат ,,Сон на Летната Ноќ”, гостување на Турскиот Театар”. - изјави г-дин Јордан Витанов, директор на Народниот Театар.
,,Сметам дека овој настан е од големо значење за Велешани, пишаниот збор и достапноста на книгите. Овие три дена, од 16-ти до 18-ти април во Велес ќе може секој да си ги купи омилените наслови, а со тоа да допринесе кон богата полица со книги дома, така и во Библиотеката во Велес. Благодарност до Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев и претседателот на Советот Александар Колев, како и на домаќинот, Директорот на Народниот Театар, г-дин Јордан Витанов”. - изјави Дејан Павлески, директор на Матица.
,,Да” за книга, е саемот за книга кој од 16-ти до 18-ти април ќе биде центар на случувањата во Велес и регионот. Граѓаните ќе може да уживаат и во богатиот репертоар на Театарот, и во бројните и најпопуларни наслови на книги. Според анкетата направена во Клубот на Читатели, овој пролетен караван на книгата е повеќе од посакуван од Велешани. На свеченото отварање овој Караван на книга го поздравија и Претседателот на Советот на Општина Велес и Директорот на Библиотеката.
,,Ова е уште еден настан од големо значење за Општина Велес. Среќни сме што убавиот и пишан збор ќе допре до секој оној кој ќе дојде до Народниот Театар и купи некоја од посакуваните книги. Општина Велес како Град на култура за 2015 година се гордее со оваа манифестација, која допринесува за негување на културата кај нас”. - изјави Александар Колев, претседател на Совет на Општина Велес.
,,Ги повикувам сите Велешани да го посетат Саемот на книга во Народниот Театар, да купат книга по саемски поволни цени, бидејќи со секоја купена книга донираат средства со кои ќе се купат книги за Библиотеката. На тој начин се даруваат книги кои ќе бидат од големо значење за сите сегашни и идни генерации, затоа што книгата никогаш не излегува од мода”. - изјави Игор Крајчев, директор на Библиотеката ,,Гоце Делчев” во Велес.
Од четврток до сабота, саемот за книга ќе биде отворен од 10 часот до 22 часот. Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес е отворен за сите љубители на книгите кои ќе си ги збогатат своите полици со најновите и најбараните наслови од Клуб Матица.