ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДА ДОНИРА 244.660 ДЕНАРИ ЗА ИНСТАЛАЦИЈА НА ВОДОВОДНА ПУМПА ВО СЕЛО КАРАСЛАРИ

Денес во Германската Амбасада во Скопје беше потпишан договорот за донација кој предвидува обезбедување на средства за инсталација на секундарна пумпа за вода во село Караслари. На договорот свој потпис ставија Амбасадорката Кристине Д. Алтхаузер, градоначалникот Славчо Чадиев и директорот на ЈКП „Дервен”, Фидначо Цековски.

 

Општина Велес аплицираше на овој проект со цел да овозможи инсталација на секундарна пумпа за вода во с. Караслари со која трајно ќе се реши проблемот со водоснабдувањето а селото ќе добие вода во доволни количини. Таканаречените мали проекти претставуваат важен инструмент на Техничката соработка меѓу Германија и Македонија. Амбасадата располага со буџет со кој може брзо и небирократски да даде помош за проекти, кои непосредно се од корист. Вредноста на овој е во износ од 244.660 денари.

Проектен партнер на Општина Велес е Јавното комунално претпријатие „Дервен“, чија одговорност ќе биде одржување на пумпата. Во изминатите 15 години Амбасадата во земјата реализираше над 80 проекти од овој вид.