Велес го одбележа Денот на Европа и Денот на победа над фашизмот

Велес го одбележа Денот на Европа и Денот на победа над фашизмот Велес ја одбележа 70 годишнината од победата над Фашизмот.
Делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Славчо Чадиев, претставници на институции и граѓани положија свежо цвеке и се поклонија на Спомен – костурницата во знак на почит кон жртвите на фашизмот. Исто во Младинскиот парк свечено се одбележа и денот на Европа. На оваа манифестација присуствуваше и Амбасадорот на Обединетото кралство Велика Британија во Република Македонија, Н.Е. Чарлс Гарет .

Со звуците на Одата на радоста, македонската и велешката химна започна чествувањето на Денот на Европската Унија. Врската меѓу овие два датума крие во себе голема симболика. Слободата што ја извојуваа европските земји со победата над фашизмот создаде услови да се гради и да расте нова, обединета Европа. Европа на младоста, Европа без граници, Европа во која ќе има слободен проток на луѓе, идеи, Европа со единствен пазар. -„Почестен сум што Делегацијата на Европската Комисија во Република Македонија и оваа година го одбра Велес за промоција на земјите членки на ЕУ по повод обележувањето на 9-ти Мај, Денот на Европа. Тоа е уште една потврда на нашата долгогодишна успешна соработка. Евроинтеграциите не се агенда само на централната власт. Најзначајно од се е свеста за Европските вредности да допре до секој граѓанин, а тоа може да се направи единствено на непосреден начин, преку блиска соработка со граѓаните. Токму затоа улогата на општините е повеќе од значајна. Имајќи го предвид овој факт, Општина Велес одговорно, професионално, транспарентно и отчетно работи во корист на своите граѓани. Европските начела се длабоко навлезени во нашата секојдневна работа.“ - рече во своето обраќање градоначалникот Славчо Чадиев. 

Учениците од општинските училишта ги претставија ЕУ и шесте земји членки на ЕУ – Белгија, Грција, Шпанија, Унгарија, Малта и Обединетото кралство.
Денес Младинскиот парк вистински заживеа со својата младост, со иднината на Европа.