ВОДОСНАБДИТЕЛЕН СИСТЕМ НА НАСЕЛЕНО МЕСТО НОВАЧАНИ
Денес во Министерството за животна средина и поросторно планирање од страна на градоначалникот Славчо Чадиев беше потпишан договорот со кој се обезбедени се средства во висина од 2.000.000 денари за реализација на проектот „Изградба на водоснабдителен систем за населено место Новачани“.
Добиениот проект со кој Општина Велес аплицираше во ова министерство е дел од Програмата за инвестирање во животната средина за 2015 година. Проценетата вредност за изградба на водоснабдителен систем за населено место Новачани“ изнесува 5.395.742 денари. Жителите на селото моментално индивидуално го решаваат проблемот со водоснабдување преку бунари, носење на вода за пиење од најблиските извори на вода, флаширана вода итн.
По иницијатива на локалното население, Oпштината Велес во изминатиот период превзема акција за решавање на водоснабдувањето за оваа населба. Водоснабдувањето предвидено е да се реализира со поврзување кон новоизградениот водоснабдителен систем за населбите покрај езерото Младост кој всушност е поврзан на водоснабдителниот систем на градот кој го стопанисува јавното претпријатие Дервен. Поврзувањето ќе биде на доводниот цевковод кон резервоарот за викенд населбата над хотел Романтик.
Со решавање на основната инфраструктура (патна, водоводна, канализациона) се очекува зголемување на посетеноста и враќање на дел од населението, а особено викенд посетителите.
Блискоста до езерото дополнително ја зголемува можноста за развој на транзитниот туризам, а со изградбата на елитната населба крај Езерото Младост постои опција истата да се прошири и во овој дел на езерото со што во овој дел од Општина би се создала и поквалитетна туристичка понуда, за развој на ловен, риболовен и транзитен туризам.