52-ри Рацинови средби. Велес се поклони пред великанот
Вчера во Велес започна одбележувањето на годинешните Рацинови средби кои се 52-ри по ред од нивното создавање. Културната манифестација ја отворија младите ликовни уметници од Гимназијата „Кочо Рацин”. Тие почнаа да го изработуваат ѕидот на Рацин, кој се наоѓа во непосредна близина на Градскиот саат. Тој ќе претставува мотиви од животот и творештвото на велешкиот поет и револуционер.
Веднаш потоа следеа и останатите културни настани како изложбата „Грнчарски средби – Велес 2015”, oтворањето на споменикот „Музата на Рацин”, настапот на учесниците на рецитаторскиот конкурс и доделувањето на наградите. Централниот настан се одржа на платото пред Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” каде што свечено беа отворени 52-рите Рацинови средби. По извонредниот перформанс во чест на великанот беа доделени и наградите „Антологија на болката“ и „Напиши љубов во 140 карактери“, а за љубителите на пишаниот збор беше промовиран и Саемот на книгата. Првиот ден од овогодинешната манифестација беше заокружен со проекцијата на филмската поема „Бели Мугри” која се одржа на амфитеатарот во Младинскиот парк.