Велес во следните пет денови ќе живее во знакот на фоклорот
Од утре Велес станува фолклорен центар на Балканот. Започнува 12-тото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес” 2015. На петте фестивалски вечери ќе настапат 11 странски ансамбли и културно уметнички друштва. По две од Романија, Турција и Бугарија, а по едно од БиХ, Унгарија, Естонија, Србија и Полска. Освен гостите домашниот фолклор ќе го промовират осум културно уметнички друштва.
-„Иако фестивалот е од меѓународен карактер кој ги промовира земјите учеснички сепак е најголема промоција за македонскиот фолклор и традиција. Во Велес во претстојните пет денови ќе престојуваат преку 1.000 гости од кои половината или 500 од странство.“ - рече Томе Јаневски, Претседател на Организациониот одбор на ИФФ „Велес” 2015.
Фестивалот и годинава традиционално ќе започне со дефиле по градските улици. Сите учесници утре ќе се претстават на отворена сцена пред велешани.
-„Дефилето ќе започне од ученичкиот дом „Лазар Лазаревски" во 19:00 часот. Кај трговскиот ќе се приклучи на улица „Благој Ѓорев" и по неа и преку „8-ми Септември" ќе пристигнат учесниците кај споменикот на велешките улинденци, тука се врти и по „Алексо Демниевски" се доаѓа до aмфитеатарот во Mладинскиот парк.“ – истакна г-динот Јаневски.
Општина Велес е главен покровител на фестивалот. Организаторите потврдија дека сите фестивалски вечери предвидено е да се одржат на амфитеатарот во Младинскиот парк. Ако временските услови не дозволат тогаш ќе се преместат во спортската сала „Гемиџии“.