Свечено отворен 12-тиот ИФФ ,,Велес" 2015
Вечерва на амфитеатарот во Младинскиот парк започна 12-тиот Интернационален фоклорен фестивал „Велес” 2015. Традиционално, на свеченото отворање му претходеше дефиле на учесниците низ улиците на Велес преплетувајќи ги боите на Македонија, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Бугарија, Естонија, Полска и Србија.
12-тото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал го отвори градоначалникот Славчо Чадиев кој во своето обраќање истакна дека во Велес овие 5 дена официјален јазик на комуникација ќе бидат танцот и мелодијата, песната, ритамот на музиката со која ги изразуваат своите чувства членовите на сите странски и домашни фолклорни ансамбли.
„ Велес и велешани со нетрпение очекуваат да Ве поздрават, да Ви го покажат својот град и да Ви подарат пријателство што ќе Ве натера повторно да се вратите тука, во лулката на македонската култура, во градот на поезијата, револуцијата, во градот на мостовите, писменоста и уметноста, во Велес.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.
Присутните во амфитеатарот во Младинскиот парк ги поздрави и Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на фестивалот. Тој истакна дека Велес дванаесетти пат се радува, игра и пее заедно со своите гости.
„Велес и оваа година на светот му покажува дека врските создадени со игра и песна се најсилни и најтрајни”. – истакна г-динот Јаневски.
На првата фестивалска вечер покрај домаќините од Македонија, настапија и гостите од Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Унгарија и Бугарија.
Следните 4 дена Велес и околните општини ќе продолжат да живеат во ритамот на фестивалот.