Започна изградбата на новиот кружен тек

Денес во Велес точно на пладне се означи почетокот на изградбата на новиот кружен тек. Подготовките за стартување на проектот „Кружен тек кај Авона“ како што велешани најчесто можат да го лоцираат, направени се согласно со законската регулатива што значи: изготвена е сета потребна документација, сообраќајни проекти и дозволи. На започнувањето со градежните работи, градоначалникот Чадиев истакна дека се чувствува особено горд што се запази предвидената динамика и во зацртаните рокови се отпочна со работа на овој многу значаен инфраструктурен зафат.

„Оваа патна инфраструктура одамна ги беше надминала стандардите за кои е градена пред повеќе од половина век. Од тогаш интензитетот на сообраќај е многукратно зголемен. Затоа еден од моите приоритети и ветувања беше современо регулирање на оваа крстосница.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Со изградбата на кружниот тек што од денес почнува да се гради, за два месеца, оваа клучка ќе биде една од најбезбедните за сите учесници во сообраќајот. Целиот проект Општина Велес ќе ја чини 6.000.000 денари. Целосно се финансира од Буџетски средства, а изведувач на работите е градежната фирма Eвроинженеринг од Велес.